Кумановци ограбени под закана со пиштол, крадците ги врзале и избегале
On:
Сподели со своите пријатели
На 02.01.2017 година во 12.00 часот во Полициска станица Куманово, З.С. (51) од Куманово пријавил дека во неговата викендица на месноста викана „Зубовска река“, атар на селото Зубовце, кумановско, над него и неговиот сосед Л.Д. (64) од Куманово, двајца непознати сторители извршиле разбојништво, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Кога З.С. и Л.Д. дошле пред влезната врата на викендицата, излегло непознато машко лице кое им вперило пиштол и им рекло да влезат внатре, каде било уште едно непознато лице. Сторителите им пребарале по облеката и од З.С. одзеле околу 8.000 денари и мобилен телефон, а од Л.Д. одзеле околу 2.000 денари и мобилен телефон.
После тоа, едното лице држело пиштол вперен кон нив, а другото со кабел им ги врзало рацете и нозете, по што излегле од викендицата и со патничко моторно возило марка „Рено Сеник“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на З.С., побегнале во непознат правец.
По неколку минути и двајцата успеле да се одзврзат, излегле надвор и од соседите побарале телефон и настанот го пријавиле во полициска станица. Од извршениот увид во викендицата, и по кажување на оштетениот, од викендицата недостасуваат телевизор, сателитски ресивер, ДВД , појачувач, музички миксети и други предмети.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.