Поројните дождови кои вчера го зафатија Куманово ги поплавија булеварот „Октомвриска револуција“, улиците „Никола Тесла“ и „Гоце Делчев“, со што екипите на ЈП „Водовод“ излегоа на терен и веднаш интервенираа.
Но, иако се остава впечаток дека атмосферската канализација не ја заврши својата работа затоа што не можеше да ја акумулира водата, сепак како што вели првиот човек на кумановски „Водовод“, директорот Горан Стојковски вели дека проблемот е што се исфрли фекалната канализација, како резултат на несовесноста на граѓаните.
– Како граѓани очигледно сме многу несовесни, да видите само што се извадивме, има кукли, ќебиња, гардероба и слично. Профилот на фекална канализација не е во можност да ги прими сите овие работи, поради тоа доаѓа до истекување и на крај сите буквално патиме. Ја користам оваа можност за уште еден апел до нашите граѓани за совесно однесување и пред се , никако да не се вклучуваат олуците од куќи од станбени згради во фекална канализација, изјави Стојковски.

Денеска ситуацијата е нормализирана и фекалната канализација во Куманово функционира беспрекорно, но во момент на поројни дождови атмосферската вода преку олуците на домовите се спроведува во фекалната канализација, која пак не може да ја апсорбира таа вода во целост.
– Ги молиме сите граѓани кои што имаат евентуално поплавени подруми или делови од куќи да се пријават во ЈП Водовод, ќе излезат наши екипи за да можеме да интервенираме и уште еднаш молиме за совесно однесување на граѓаните кон канализациони и атмосферски системи во градот, рече директорот Стојковски.

Вкупно 15 отвори има само на булеварот „Октомвриска револуција“, но при вчерашните обилни дождови сите биле затнати од душеци, парчиња мебел, кукли и гардероба.
– Ја користам оваа можност да најавам дека во идниот период ќе правиме комплетна реконструкција на атмосферска канализација на октомвриска револуција со поставување на нови сливници за да се обидеме на тој начин да го превенираме овој проблем, но без помош на самите граѓани , верувајте дека ќе сме апсолутно немоќни, додаде Горан Стојковски, директор на ЈП „Водовод“.


