Коко, двегодишен лабрадор, е излечен од зависност од алкохол и е прв случај во Велика Британија, пишуваат британските медиуми.
Коко бил донесен во засолниште за животни во Плимптон, Девон, со друго куче по смртта на нивниот сопственик.
На кучињата им била потребна итна ветеринарна нега бидејќи страдале од ненадејни напади.
Вработените во спасувачкиот центар тврдат дека кучињата станале зависни од алкохол бидејќи имале пристап до пијалакот, кој нивниот сопственик го оставил зад себе, пренесува N1.
Додека другото куче подоцна умрело, Коко успеал да се опорави откако бил подложен на терапија за одвикнување од алкохол.
На кучето му давале седативи четири недели за да се спречат напади.
„Одвојувањето куче од алкохол е нешто со кое се занимаваме за прв пат. Коко е со нас повеќе од еден месец, откако пристигна на интензивна нега. Неговата приказна е трагична… Коко беше во сериозна состојба и бараше 24-часовна нега. Стана јасно дека страда од симптоми кои укажуваат на зависност од алкохол“, објави Woodside Animal Rescue Trust на социјалните мрежи.
Од центарот за спасување изјавија дека кучето сега е надвор од животна опасност, повеќе не е на лекови и почнува да се однесува како нормално куче.
„Кучето сѐ уште не е подготвено за посвојување и иако се чини дека физички се опорави, на моменти се уште е психички пореметен“, истакнаа спасувачите и изразија надеж дека Коко наскоро ќе биде посвоен.