Ксенија од Куманово докажува дека и девојчињата можат да владеат во рингот

Сподели со своите пријатели

Тринаесетгодишната кик-боксерка од Куманово, Ксенија Иванчевиќ, и покрај својата возраст веќе зад себе има значајни спортски резултати и освоени медали на натпреварувања.

Со кик-бокс се занимава повеќе години, а преку посветени тренинзи и настапи успева постојано да напредува и да се истакнува меѓу младите спортисти.

Дебитираше и на последното Државнот кик-бокс првенство каде освои залтен медал по три одржани борби со што стана државен првак.

Токму нејзините успеси и посветеноста кон спортот беа повод да разговараме со неа за нејзините почетоци во кик-боксот, натпреварувањата, тренинзите и плановите за иднината.

Во интервјуто Ксенија зборува за тоа што ја мотивира, како ги усогласува училиштето и спортот, како и за нејзините соништа во кик-боксот.

 

 

КМ: Ксенија, кога и како започна да тренираш кик-бокс и што те привлече кај овој спорт?

Ксенија: Кик-бокс почнав да тренирам пред 7 години во клубот на мојот тренер. Од почеток ми се допадна затоа што е многу динамичен спорт, бара дисциплина, сила и храброст. Ме привлече чувството дека секој тренинг ме прави посилна и подобра.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Две кумановки повредени во сообраќајка, оштетени и три паркирани возила

КМ: Што најмногу ти се допаѓа во кик-боксот – тренинзите, натпреварите или чувството кога освојуваш медал?

Ксенија: Сè ми се допаѓа, но најмногу натпреварите. Тогаш можам да покажам што сум научила на тренинг. Секако, чувството кога ќе освоиш медал е посебно и те прави горд на трудот што си го вложил.

 

 

KM: Зад себе веќе имаш освоено повеќе медали. Кој ти е најдраг и зошто?

Ксенија: Секој медал ми е драг затоа што зад него стојат многу тренинзи и труд. Но најдраг ми е медалот од последното натпреварување, затоа што беше многу важен за мене и ми покажа дека напредувам.

КМ: Освен кик-бокс, се натпреваруваш и во атлетика. Како успеваш да ги комбинираш двата спорта?

Ксенија: Не е секогаш лесно, но со добра организација и поддршка од тренерите успевам. Атлетиката искрено преку училишен спорт ја паузирав веќе 1 година, но ми помогна да бидам побрза и поиздржлива, што многу ми користи и во кик-боксот.

 

 

КМ: Колку тренинзи имаш во текот на неделата и како изгледа еден твој тренинг?

Ксенија: Тренирам 6 пати неделно. Тренингот почнува со загревање, потоа работиме техника, удари, вежби за сила и кондиција,  имаме и спаринг.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Наутро кочан ладно, попладне пролетни температури

КМ: Дали имаш некој спортист или спортистка што ти е пример и од кого црпиш мотивација?

Ксенија: Имам повеќе спортисти кои ги почитувам. Ги гледам нивните борби и успеси и тоа ме мотивира уште повеќе да тренирам и да напредувам.Тоа се Валентина Шевченко, Илија Тупурија, а посебно сум горда на нашата македонска шампионка Даниела Алексовска, која е доказ дека и од Македонија може да се постигнат големи успеси.

 

 

КМ: Како се чувствуваш пред натпревар – дали има трема и како се справуваш со неа?

Ксенија: Пред натпревар секогаш има мала трема, но мислам дека тоа е нормално. Се обидувам да бидам фокусирана, да слушам што ми кажува тренерот и да верувам во себе.

КМ: Колку ти е тешко да ги усогласиш училиштето, тренинзите и натпреварите?

Ксенија: Понекогаш е напорно, но училиштето ми е многу важно. Се трудам добро да го организирам времето за да постигнам и во учењето и во спортот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Жена почина во возило на Итна помош кај „Света Петка“

 

 

КМ: Кои се твоите соништа во спортот – каде би сакала да се видиш за неколку години?

Ксенија: Мој сон е да освојувам уште многу медали и да ја претставувам мојата држава на големи меѓународни натпреварувања.

КМ: Што би им порачала на твоите врсници кои сакаат да почнат да тренираат некој спорт?

Ксенија: На моите врсници би им порачала што повеќе да се занимаваат со спорт. Денес многу деца поминуваат премногу време на телефон, а спортот е многу поважен – за здравјето, за силата и за карактерот. Не е важно кој спорт ќе го изберат, важно е да се движат и да тренираат, затоа што спортот создава навика, дисциплина и здрав начин на живот. Преку спортот се запознаваат и многу нови другари, се учи почит и тимска работа. Спортот е и превенција за многу болести и ни помага да бидеме посилни и физички и психички. Исто така, не треба да има предрасуди дали некој спорт е машки или женски – спортот е за сите што имаат желба и срце да тренираат.

 

Никола Ивановски