Крвави судири на улиците на Тбилиси: Полицијата апси демонстранти, повредени над 150 полицајци

Сподели со своите пријатели

Над 150 полицајци се повредени за време на протестите на приврзаниците на опозицијата во Грузија, соопшти денеска грузиското Министерство за внатрешни работи, наведувајќи дека од 28 ноември досега повеќе од 400 лица се приведени за различни прекршоци.

Loading...

Како што јави дописникот на Интерфакс, полицајците не им пријдоа на демонстрантите во ноќта меѓу неделата и понеделникот и покрај големиот број пиротехнички средства кои беа испукани кон зградата на парламентот.

Порталот Грузија денеска објави дека групи маскирани полицајци апсат осамени демонстранти на споредните улици, но и на авенијата Руставели, каде се уште има голем број демонстранти.

Овој портал наведува дека полицајци напаѓаат мажи, жени, новинари и тинејџери пред ТВ камери, ги влечат зад полициски кордони и ги тепаат.

Агенцијата РИА Новости претходно објави дека демонстрантите во Тбилиси со пароли ја „украсиле“ елката што властите ја поставиле во близина на парламентот на авенијата Руставели, а на полноќ по локално време подметнале огномет во близина на зградата.

Демонстрантите ја украсија новогодишната елка со знамињата на Грузија, Украина, Европската унија и Соединетите Американски Држави, како и пароли и фотографии од повредените во судирите со полицијата на претходните протести.

Серија протести на опозицијата започнаа во Грузија на 28 ноември, откако премиерот Иракли Кобахиџе објави одлука да го прекине разгледувањето на почетокот на преговорите за членство на земјата во Европската унија до 2028 година.