Предизвик е да се игра потив екипа каква што е Хапол Халон од Израел вели за Кумановски Муабети претседателот на Кошаркарскиот клуб Куманово Александар Крстевски.
Мечот кој започнува вечерва во 20 часот на домашен терен, според првиот човек на клубот, нема да биде лесен, со оглед на квалитетниот противник.
– Секако дека нѐ очекува еден многу тежок натпревар, но честе е, а воедно и предизвик да се игра потив екипа каква што е Хапол Халон. Тие се една од најдобрите екипи во Израел, со квалитетен ростер, но Куманово не би било Куманово ако се предаваше лесно. Ќе се бориме со сите сили, тренерот Ѓорѓиевски има одличен ростер и јас лично и целата управа веруваме во нивните квалитети и способности, изјави Крстевски.
Публиката нема да може да го следи мечот во живо од трибините поради мерките за заштита од коронавирусот, но Крстевски ги повика сите љубители на кошарката тоа да го сторат пред малите екрани.
– Жалам што ситуацијата е таква и трибините се празни, тоа е тажна слика за спортот, но се надевам дека наскоро ќе се стави крајот на пандемијата. Ние сме среќни што воопшто во услови на пандемија имаме можност да играме натпревари, ако се земе предвид дека многу работи и кај нас и во светот трпат поради ковид кризата. Упатувам апел до сите љубители на кошарката вечерва да го следат натпреварот преку Јутуб каналот на Македонскиот Олимписки Комитет и да ги бодрат сино-белите од дома, порача Крстевски.
Инаку натпреварот ќе се одигра во Спортската сала на СОУ „Перо Наков“ од 20 часот а на линкот подолу можете да го следите директниот пренос.
Никола Ивановски