Кривични пријави за државјани на Норвешка и Чешка поднесени до ОЈО Куманово

Сподели со своите пријатели

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија, во месец септември 2016 година, до надлежните јавни обвинителства  поднесе 9 кривични пријави против 12 физички лица и 2 правни лица, информираат надлежните.

Две кривични пријави се поднесени и до Основното Јавно обвинителство Куманово, една за државјанин на Република Чешка, а друга за државјанин на Норвешка.

Во првиот случај поднесена е кривична пријава против Ч. Л. државјанин на Република Чешка, кој на ден 31.08.2016 година со возило со чешки регистарски ознаки се пријавил на излез од Република Македонија на ГП Табановце. При извршен личен претрес, во десниот џеб на бермудите била пронајдена пластична дробилка за марихуана и метална табакера за цигари наполнета со непозната растителна материја со зелена боја која на тестер за дрога покажала присуство на марихуана. Во истиот џеб била пронајдена и зипер кесичка наполнета со непозната прашкаста материја со бела боја која на тестер за дрога покажала присуство на амфетамин. По наредба на јавен обвинител извршено е вештачење според кое растителната материја преставува опојна дрога – марихуана со вкупна тежина од 4,5 грама,  додека белата прашкаста материја преставува кетамин – психоактивна супстанца, со вкупна нето маса од 8,15 грама. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во ОС Куманово каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која обвинетиот е огласен за виновен и му е утврдена алтернативна мерка  условна осуда – казна затвор во траење од 2 години која нема да се изврши под услов обвинетиот во рок од 4 години по правосилноста на пресудата да не стори ново кривично дело.

Во вториот случај, до OJO Куманово е поднесена кривична пријава против Л. В., државјанин на Норвешка, кој на ден 08.09.2016 година со возило со норвешки регистарски ознаки се пријавил на излез од државата на ГП Табановце. При извршениот преглед, во внатрешноста на ранецот наменет за лап-топ кој се наоѓал на задната клупа, била пронајдена кафеава кожна торбичка, во која биле сместени три проѕирни најлонски кесички наполнети со бела прашкаста материја која на тестер за дрога покажала присуство на амфетамин и еден правоаголен приврзок во чија внатрешност биле откриени пет перфорирани споени ливчиња со натпис „HOFMAN“, завиткани во целофан за кои осомничениот изјавил дека се синтетичка дрога „LSD“. По наредба на јавен обвинител извршено е вештачење според кое белата прашкаста материја преставува кетамин – психоактивна супстанца, со вкупна нето маса од 2,5 грама, додека петте хартиени ливчиња содржат диетиламид на лизергинска киселина  (ЛСД) – психотропна супстанца со халуциногено дејство. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во ОС Куманово каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која обвинетиот е огласен за виновен и му е утврдена алтернативна мерка  условна осуда – казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци која нема да се изврши под услов обвинетиот во рок од 5 години по правосилноста на пресудата да не стори ново кривично дело.

 

Loading...