За 15,3% е намалена стапката на криминалитет во Општина Куманово во текот на изминатата година, беше соопштено денеска од страна на началникот Игор Митевски, на 49-та седница на Советот на Општина Куманово.
Во текот на 2015-та година биле извршени вкупно 1.477 кривични дела, со реализирани 963 кривични постапки против извршителите, а истите предизвикале штета во износ од 123,5 милиони денари.
Од вкупниот број криминални дејствија, класичните криминални деликти за 2015 година изнесуваат 1.268, 117 за сторен економски криминал што претставува намалување за 34,4%, 59 за недозволена трговија која бележи пораст од 46,1%, како и едно криминално дејствие против државата.
За споменатото кривично дело против државата, реагираше и претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски кој истакна дека нема наведено никакви податоци за оваа дело кое се однесува за настаните од 9-ти и 10-ти мај минатата година.
Не можат да го премолчам фактот дека во 2015 година општината ги доживеа најголемите безбедносни нарушувања. Факт е дека тоа се случи во Куманово, кога два дена се пукаше на сите страни и на крај никој од високите полициски кругови немаше одговор. Вклучените полициски службеници во акцијата беа и наградени за пет до десет илјади евра од Буџетот на Република Македонија. Ништо конкретно не гледам за акцијата во овој извештај. Некој дозволи во Куманово да се инфилтрира цела чета наоружани луѓе – рече Димитриевски.