Велика Британија е земја на НАТО и потенцијалното движење на нејзината воена инфраструктура кон границите на Руската Федерација е загрижувачко, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков во врска со британско-украинскиот стогодишен договор за партнерство потпишан вчера во Киев.
„Бидејќи Британија е земја на НАТО, движењето на нејзината воена инфраструктура кон нашите граници е секако прилично загрижувачки елемент“, рече Песков за новинарите.
Според документот, Украина и Велика Британија планираат да ја прошират воената соработка во голем број мориња, вклучувајќи го и Азовското Море.
На ова негативно реагираше Кремљ.
– Ова е внатрешното море на Русија и таму тешко може да се зборува за соработка меѓу Украина и Велика Британија – нагласи претставникот на Кремљ.
Тој истакна дека Стогодишниот договор за партнерство не гарантира членство на Киев во НАТО.
– Во секој случај, ќе мора да продолжиме да анализираме што ќе се случи – додаде тој.
Британската влада претходно соопшти дека Лондон ќе ги истражува опциите за распоредување на елементи од одбранбената инфраструктура, вклучително и воени бази, како дел од Договорот за „Стогодишно партнерство“ со Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и британскиот премиер Кир Стармер, кој е во посета на Киев, во четвртокот го потпишаа Договорот за стогодишно партнерство меѓу Украина и Велика Британија.
Како што е најавено, документот ќе ги продлабочи билатералните односи во одбранбениот сектор, а дополнително предвидува натамошна воена помош за Киев.
Детали од договорот не беа соопштени.