Москва не му верува на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој рече дека Киев нема да ја нападне руската територија во случај да добие американски повеќецевни ракетни системи со зголемен дострел, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
На новинарско прашање дали Кремљ им верува на зборовите на Зеленски, тој одговори „не“.
„За да се верува на некого, потребно е да се има искуство кога се исполнувале ветувањата. За жал, такво искуство воопшто не постои“, рече Песков.
Тој ги обвини САД дека само долеваат масло на огнот со испораката на оружје за Украина.
„Веруваме дека САД намерно долеваат масло на огнот и очигледно е дека се придржуваат до принципот да војуваат со Русија до последниот Украинец“, изјави портпаролот на Кремљ.
Тој не сакаше да коментира што ќе се случи доколку Украина ги примени американските системи.
Зеленски изјави дека Украина нема да користи ракетни системи со долг дострел за напади на руска територија.