Кралот Чарлс за прв пат проговори за најновите откритија во случајот со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, велејќи дека Бакингемската палата е подготвена да соработува со полицијата додека тие ги истражуваат обвинувањата во врска со неговиот брат Ендру Маунтбатен-Виндзор.
„Кралот јасно ја искажа, со зборови и дела, својата длабока загриженост за постојаните обвинувања за однесувањето на г-дин Маунтбатен-Виндзор“, изјави портпаролот на Бакингемската палата, според Би-Би-Си.
Како што додаде, иако на конкретните тврдења треба да одговори самиот Маунтбатен-Виндзор, палатата е подготвена да соработува со полицијата доколку е потребно.
Полицијата потврди дека проценува дали постојат основи за покренување истрага во врска со жалбата на антимонархистичката група „Република“, која го пријави Маунтбатен-Виндзор под сомнение за злоупотреба на јавна функција и кршење на службени тајни.
Е-поштата од неодамна објавените досиеја на Епстин наводно покажува дека поранешниот принц пренел извештаи за официјални посети на Сингапур, Хонг Конг и Виетнам, како и доверливи детали за инвестициските можности.
По патувањето на 30 ноември 2010 година, тој наводно му ги проследил на Епстин официјалните извештаи што ги добил од тогашниот специјален советник Амит Пател само пет минути откако ги примил.
Исто така, се наведува дека на 24 декември 2010 година, на Епстин му биле дадени доверливи информации за инвестициските можности во Авганистан.
Официјалните упатства предвидуваат дека трговските претставници имаат обврска да ги заштитат доверливите, комерцијалните и политичките информации од службени патувања.
Во соопштението од Бакингемската палата, беше истакнато дека „мислите и симпатиите на кралот и кралицата беа и остануваат со жртвите на сите форми на злоупотреба“.
Порано истиот ден, за време на посетата на кралот на Клитеро, еден човек од толпата извика:
„Колку долго знаете за Ендру“, по што другите присутни го исвиркаа човекот.
Соопштението на Бакингемската палата следеше по претходната изјава на портпаролот на принцот и принцезата од Велс, кој рече дека се „загрижени“ од најновите откритија за Епштајн.
По објавувањето на уште три милиони документи поврзани со Епстин, притисокот врз Маунтбатен-Виндзор се зголеми, со тврдења дека Епстин испратил друга жена во Велика Британија за да има секс со него, според Би-Би-Си.
Во документите се споменуваат и фотографии кои наводно го прикажуваат во компромитирачка ситуација.
Се вели и дека биле објавени е-пораки потпишани со името „Сара“, во кои од Епштајн се бара поддршка и пари.
Минатата недела, Ендру наводно бил преместен од Кралската ложа во Виндзор во приватниот имот на кралот во Сандрингам порано од планираното.
Во октомври 2025 година, по откритијата за неговата врска со Епстин, на Ендру му биле одземени кнежевските и војводските титули.
Ендру Маунтбатен-Виндзор негира какво било кривично дело, пренесува Танјуг.

