Ковид состојбата во Куманово релативно стабилна, но и натаму наплив на пациенти во болницата

Сподели со своите пријатели

Ковид состојбата во Куманово е стабилна, но напливот на пациенти е сѐ уште присутен, вели денеска директорката на Општа болница, Снежана Захариева.

Во модуларната ковид болница во Куманово хоспитализирани се 40 пациенти и таму има слободни легла, но целосно исполнети се капацитетите на Инфективното одделение каде се сместени дополнителни 22 лица.

50 пациенти доаѓаат два пати дневно во дневната болница по терапија за лекување ковид-19.

– Релативно стабилна ситуација имаме, во однос на бројот на нови хоспитализации и амбулантските прегледи, значи сѐ уште има наплив на пациенти, голема општина сме и имаме последниве денови многу пациенти од Кратово, Крива Паланка и другите околни општини, но и од град Куманово. Но, имаме благо намалување на прегледи во Инфективната амбуланта, изјави Захариева.

 

 

Кумановската болница е подготвена со кадар да им помогне на сите што ќе побараат лекарска помош, вели директорката.

Сепак, дел најголем дел од хоспитализираните се на кислородна поддршка, односно дури 51 пациент од 62 хоспитализирани.

– И натаму е доминантна онаа возрасна група од 50 до 70 години, но се повеќе имаме и доста млади пациенти, дел од нив се во дневна болница, но имаме и хоспитализирани пациенти на возраст од 30-40 години, некои се без коморбидитети, но имаме и такви со прекумерна телесна тежина, дијабет и други заболувања, кои малку потешко се справуваат со болеста, но оние што се кај нас се во стабилна состојба, појаснува Захариева.

Околу 15 отсто од хоспитализираните во болницата се вакцинирани со една или две дози на вакцина против коронавирусот, појаснува директорката, но додава дека тоа се претежно лица со тешки хронични заболувања и намален имунитет.

Никола Ивановски