Ковачевски: Со поволни услови и државна помош обезбедуваме зголемено производство на стратешки земјоделски култури

Сподели со своите пријатели

Премиерот Димитар Ковачевски на Форумот „100 дена од мандатот на новата Влада“, кој денеска во Скопје се одржа пред претставници на дипломатскиот кор, стопански комори, граѓански организации, институции и медиуми, одговарајќи на прашања од интерес на медиумите на темата за долгорочната стратегија на Владата за надминување на економско-социјалната и здравствена криза предизвикана од пандемијата и војната во Украина, оцени дека преземените мерки овозможуваат навремено снабдување со потребните основни суровини за производство на храна, со ѓубриво за сеидба и прихрана, семенски материјали и „зелена нафта“.

Loading...

„За да го зајакнеме домашното земјоделство со пакет мерки изготвивме Интервентен план за производство на храна, којшто е насочен кон стратешките култури, а тоа се пченка, пченица, сончоглед, јачмен. Дополнително, тој е насочен кон извозните култури, доминантно од овоштарството и поледелството ѝ е насочен кон зголемувањето на субвенциите во сточарството, особено во производството на млеко, со оглед на тоа дека ако ги погледнеме производствените капацитети на државата не може нашето производство на суровина да задоволи ниту 50% од капацитетите што можат да произведат“, рече Ковачевски задржувајќи се на воведените нови зголемени субвенции, со новата програма во делот на стратешките култури, во делот на овоштарството, сточарството и поледелството.

Тој посочи дека целта е со оваа поддршка да се справиме со светската економска криза, која претставува една од најголемите по Втората светска војна, предизвикана од агресијата на Русија врз Украина, но и да станеме увозно независни со достапна и поевтина храна.

Според Премиерот, со „Националниот план за производство на храна”, којшто веќе се имплементира, се поттикнуваат земјоделците да се насочат кон зголемено производство на стратешките земјоделски култури и да се искористат ресурсите, да се зголеми производството и залихите за домашните преработувачки капацитети.

Премиерот Ковачевски додаде дека Владините мерки се преземаат со цел да се надмине кризата, која предизвика најголемо покачување на реагенсите, на цената на храната, на суровините за производство на храна особено на вештачките ѓубрива, како и на суровините на другите индустрии особено преработувачката индустрија.

„Ние како држава според мене имавме сосема погрешен концепт на субвенционирање, којшто беше воведен доминантно заради финансирање покрај на земјоделството и финансирање на други политички цели. Ако ги погледнеме бројките на инвестирани 8-9 милијарди денари на годишно ниво и повеќе, ние имаме секоја година помало производство на храна, поголем увоз на храна и драматично помало производство на стратешки прехранбени производи“, истакна Ковачевски кој додаде дека постои нарушување на страната на понудата и затоа се наоѓаме во економска криза, којашто предизвикува инфлација, која според бројките е идентична во сите земји.

Во рамки на сесијата, на која Премиерот одговараше на прашања испратени од медиумите посочи дека дополнително, заради зголемување на производството на стратешките земјоделски култури, особено на пченицата и пченката, дополнителни 6.000 хектари државно земјиште е подготвено да биде поделено на земјоделците, коишто ќе добијат и заради зголеменото производство и зголемени субвенции.

„Сето ова го правиме како прв чекор во зголемувањето на производството на храна бидејќи Република Северна Македонија располага и со земјиште има поволна клима и вреден народ за производство на голем дел од својата храна, наместо да увезува“, заклучи Ковачевски на Форумот на кој беа претставени постигнувањата на првите 100 дена од новиот мандат на Владата.

Loading...