Костовски најави поддршка на ранливите групи граѓани во Куманово
On:
Сподели со своите пријатели
Поддршка на ранливите групи граѓани во Општина Куманово и пакет мерки од областа на социјалната заштита најави денеска Ивица Костовски од ЛДП, кандидат за советник од листата на Коалицијата „Живот во Македонија“.
На прес конференцијата која ја одржа пред Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Костовски истакна дека Куманово како најголема општина има и најголем број корисници на правата и услугите од областа на социјалната заштита, па токму затоа идниот совет, како што вели, ќе се залага токму во таа насока.
– Ќе се залагаме за помош и поддршка за деца на самохрани родители, адаптирање на постоечки објекти на деца со попреченост, стручно усовршување на кадарот во детските градинки и зајакнување на педагошко-психолошки служби во овие установи. Со цел адаптација на постоечки објекти на лица со попреченост се предвидуваат следните мерки: пристапна инфраструктура за лица со попреченост, едукација на нов и обука и доедукација на веќе постоечки кадар, социјална инклузија, сервисни служби за стекнување навики и вештини, изјави Костовски.
Доколку ја добијат поддршката, Костовски најави продолжување на досегашната помош на дневните центри за лица со интелектуална попреченост, како и формирање мали групни домови и обезбедување финансиска помош за деца на социјални родители и социјално ранливите категории.
– Со поддршка на Министерството за труд и социјална политика планираме да се отвори простор за народна кујна каде граѓаните ќе може да го земаат и конзумираат таму, да се отвори дневен престој за деца на улица, да се направат мобилни тимови за посета на стари и болни лица, да се отвори дневен центар за лица со церебрална парализа. Во процедура е изработка на нов закон за социјална заштита кој предвидува многу поволности за сите граѓани кои се во положба на социјален ризик, додаде Костовски.
Според кандидатот за советник и претседател на Општинската организација на ЛДП, целта е сите граѓани да имаат основни средства за егзистенција и достоинствен живот.