Десничарката Лаура Фернандез победи на изборите и ќе стане новата претседателка на Костарика, најавувајќи продолжување на популистичките политики и построга борба против криминалот.
Десничарката Лаура Фернандез ќе биде новата претседателка на Костарика по победата на изборите за време на викендот, и таа ќе ги застапува популистичките политики на нејзиниот претходник Родриго Чавез, објави денес Ројтерс.
Нејзината платформа вклучува ветувања за уставни реформи и суспензија на граѓанските слободи за борба против криминалот и растечкото насилство поврзано со дрога.
Фернандез, 39, изгради кариера како политички советник и министер за национално планирање и економска политика, позиција на која беше назначена во 2022 година од поранешниот претседател Родриго Чавез.
Како страствен поддржувач на Чавез, Фернандез подоцна стана негов шеф на кабинетот, пред да ја започне својата претседателска кампања.
Фернандез го изрази своето восхитување од претседателот на Ел Салвадор, Наџиб Букеле, познат по својот строг пристап кон криминалот и бандите, и рече дека ќе воведе вонредна состојба во областите со висок криминал што ќе ги ограничи граѓанските слободи.
Фернандез ќе биде втора претседателка на Костарика, по Лаура Чинчила, која ја извршуваше функцијата од 2010 до 2014 година.
Откако ја напушти функцијата, Чинчила презеде бројни улоги во меѓународни организации и универзитети, а остро ги критикуваше и владите на Венецуела и Никарагва, потсети Ројтерс.
Таа стана и една од најгласните критичарки на сегашната влада на Костарика, велејќи дека таа го следи „предвидливото сценарио“ на другите авторитарни лидери во регионот.

