Коста: ЕУ ќе се брани од секаков вид принуда, ќе го заштити меѓународниот поредок

Сподели со своите пријатели

Европската унија ќе се брани од секаков вид принуда и ќе го заштити меѓународниот поредок и меѓународното право засновани на правила, изјави денес претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Коста.

„Подготвени сме да се браниме себеси, нашите земји-членки, нашите граѓани, нашите компании, од секаков вид принуда. А Европската унија има моќ и алатки за тоа“, рече Коста во говорот во Европскиот парламент, пренесува Ројтерс.

Тој додаде дека ЕУ „не може да прифати дека законот на најсилниот преовладува над правата на најслабиот“.

„Бидејќи меѓународните правила не се опционални. А сојузите не можат само да се сведат на низа трансакции“, додаде Коста.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  „Економист“: „Ова се трите опции на Европа за одбрана на Гренланд“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно се закани дека ќе воведе 10 проценти царини за стоки од Велика Британија, Норвешка и шест земји од ЕУ вклучени во арктичките воени вежби во Гренланд од 1 февруари, кои би важеле додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера во Давос изјави дека европскиот одговор на царините ќе биде „непоколеблив, обединет и пропорционален“.