Европската унија (ЕУ) ќе се брани од каква било принуда, изјави рано утрово претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, по вонредниот самит свикан за проценка на односите меѓу Брисел и Вашингтон по заканите на американскиот претседател Доналд Трамп со царини.
„Европската унија ќе продолжи да ги брани своите интереси и своите земји-членки, своите граѓани и своите бизниси од каква било форма на принуда. Има моќ и средства да го стори тоа и ќе го стори тоа доколку и кога е потребно“, рече Антонио Коста на прес-конференција, објави британската агенција Ројтерс на својата веб-страница.
Итен самит на лидерите на ЕУ беше свикан пред Трамп во среда нагло да се повлече од својата закана за воведување царини за осум европски земји.
Трамп, исто така, ја исклучи употребата на сила за заземање на Гренланд и навести дека е на повидок договор за завршување на спорот.

