Владата на Косово едногласно ги одобри санкциите против Русија „поради окупацијата на Украина“, а премиерот Албин Курти рече дека Косово се приклучи на овие мерки со партнери како што се Европската унија и САД.
Курти рече дека „реакцијата на Косово на руската окупација на Украина треба да се гледа како порака на нејзината политичка и дипломатска ориентација“.
„Денеска го започнуваме денот со приклучување кон нашите партнери како одговор на воената агресија на Русија со одобрување пакет санкции. Ова не е прв пат Косово да воведува санкции кон Руската Федерација. Оваа Русија што ја гледаме денес не е нова Русија и не сака да биде нова Русија. Затоа одговорот на западниот и демократскиот свет мора да биде обединет и одлучен. Нашата непосредна и безрезервна реакција на руската окупација на Украина треба да се чита како јасна порака за политичка и дипломатска ориентација“, рече Курти на седницата на Владата.
Министерката за надворешни работи во Косово, Доника Гервала изјави дека санкциите се економски и финансиски кои ги воведоа Советот на ЕУ и САД.
Како што наведе таа, тие вклучуваат замрзнување на средствата на руските банки, финансиски институции и поединци, забрана за пристап до финансиските пазари и други рестриктивни мерки поврзани со руските компании, елити и политички актери вклучени во одлучувањето за руската инвазија на Украина.
„Поединци, исто така, ќе бидат предмет на забрана за патување или транзит во земјите што ги применуваат овие санкции“, рече Гервала.

