Зајакнување на соработката во борбата против трговијата со луѓе меѓу надлежните институции на Македонија и Косово беше тема на денешната средба во Скопје на државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска и косовскиот владин тим, предводен од косовскиот заменик-министер за внатрешни работи Милан Радојевиќ.
Несторовска и Радојевиќ се национални координатори за борба против трговијата со луѓе.
Целта на средбата беше иницијативата за меѓуинституционална соработка во борбата против трговијата со луѓе, чиј краен резултат се планира да биде склучување на Протокол за соработка меѓу двете министерства во оваа област.
Мотивите за иницијативата, како што се наведува во соопштението на МВР, кои што произлегуваат токму од активностите на националните комисии за борба против трговијата со луѓе, се во насока на квалитативно подобрување и унапредување на соработката и размената на информации меѓу надлежните служби, како и спроведување заеднички проекти и кампањи во областа на борбата против трговијата со луѓе.
Извор: МИА

