Во поголема координирана акција што се одвиваше изминативе неколку дена во кумановско-липковскиот регион, надлежните институции сузбија добро организирана група дрвокрадци која подолг период нелегално оперирала во близина на границата со Косово.

Како што информира Кире Михаилов, заменик директор на ЈП „Национални шуми“, во акцијата биле одземени огревни дрва од повеќе локации, приведени се неколку лица, одземено е едно товарно моторно возило, а против повеќе познати и непознати сторители се поднесени соодветни пријави.

„Во поголема акција која се одвиваше изминативе неколку дена во кумановско липковскиот регион, одземавме огревно дрво од повеќе локации, приведени се неколку косовски државјани, одземено е едно ТМВ комбе и поднесени се пријави против повеќе познати и непознати сторители“, изјави Михаилов.

Во акцијата, покрај ЈП „Македонски Шуми“, учествувале и Шумската полиција од Куманово, Граничната полиција – РЦ Север и СВР Куманово.
„Во текот на изминативе неколку дена, во добро координирана акција во која покрај ЈП ‘Македонски Шуми’ учествуваа Шумската Полиција од Куманово, Граничната Полиција РЦ Север и СВР Куманово беше сузбиена поголема добро организирана група дрвокрадци кои подолг период оперираа во кумановско липковскиот регион во близина на границата со Косово“, додаде тој.

Според информациите, одземена е поголема количина на различни дрвни сортименти, најмногу огревно дрво, од локации во Злокуќани, Руница, Матејче и од местото Буково, во близина на Белановце, на самата граница со Косово. Во селото Слупчане, покрај дрвата, одземено е и ТМВ комбе кое било со фалсификувана документација.
„На лице место во Буково се приведени и тројца косовски државјани кои биле дел од организираната група и истите веднаш се извадени пред судија на истражна постапка за да бидат осудени“, посочи Михаилов.

Материјалната штета од нелегалната сеча на дрвата кои биле конфискувани во изминативе денови се проценува на повеќе од 300.000 денари, додека, како што беше нагласено, оваа група во подолг временски период има причинето и милионска штета.
„Во текот на наредните денови ќе биде спроведена и истрага во однос на тоа дали дел од нашата шумочуварска служба била во тесна врска со оваа организирана група“, изјави заменик директорот на ЈП „Национални шуми“.
Никола Ивановски

