Кошаркарите на Куманово претрпеа пораз на гостински терен од составот на бугарскиот Левски во првиот меч од новата сезона на БИБЛ лигата со резултат 85-78.
Одличен старт и слична игра во првиот дел од средбата прикажаа двата тима, што се одрази и на мала разлика во резултатот, но и водството кое постојано преминуваше од една за друга екипа. Првите 10 минути од мечот завршија со резултат 27:25 во полза на Левски. На полувреме повторно се замина со предност на тимот од Бугарија, но овој пат со само еден поен, односно резултат 45:44.
Меѓутоа, слабата ротација која на располагање ја има тренерот Игор Михајловси, а тоа се само седум кошаркари, беше клучна во третата четвртина повторно да ги стигне заморот, што противникот од Софија го искористи во своја полза. На почетокот на вториот дел од средбата бугарските кошаркари направија серија од 5-0 која им донесе поголемо водство, па овој период заврши со негатива од шест поени за кумановци, односно резултат 66:60.
Последните 10 минути за составот на Куманово беа лоши. Имаа негатива во текот на целиот период, па Левски тоа го искористи за да запише прва победа во новата сезона.
Најдобар во составот на Куманово беше српскиот интернационалец Немања Миљковиќ со 17 реализирани поени, додека со поен помалку е Караџовски. Кај гостите со 23 поени брилираше Веселинов, а со 18 Маравиќ.
Во сабота на гостински терен сино-белите го играат второто коло од домашниот шампионат против составот на АВ Охрид, а на 17ти во рамките на БИБЛ лигата го пречекуваат црногорскиот Ибар Розаје.