Според информациите кои ги добиле од Управата за хидрометеоролошки работи, надлежните од Координативното тело за управување со кризи велат дека Македонија и во наредните неколку дена ќе биде под влијание на серија влажни бранови и дека само во недела се очекува на повеќе места да наврнат над 30 литри дожд на метар квадратен, па затоа излегоа со апел и насоки за заштита од поплави.
Според Координативното тело сите градоначалници треба да ги стават на готовност расположливите ресурси на општините или да бараат соодветна помош од Дирекцијата за заштита и спасување и да ги информираат месните заедници за најавената дестабилизација на временските услови.
Да ги мобилизираат кризните штабови и во нив да ги вклучат, претставници од Центарот за управување со кризи, Дирекцијаа за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи. Континуирано да се следи водостојот на реките, да се следи и нивото на акумулациите. ЕЛС да интервенира на мостови каде има опасност од задржување големи наноси од надојдените реки, а сите граѓани кои сметаат дека се загрозени да се обратат на бесплатниот број 195 на Центарот за управување со криз – се вели во препораките.
Според препораките припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана да бидат подготвени за интервенција, додека возачите навремено да се информираат за состојбата на патните правци од страна на Авто-мото сојузот на Македонија.