Конзервативците поразени во Полска: „Тука победуваат чесноста и Европа“

Сподели со своите пријатели

Владејачката проевропска Граѓанска платформа на премиерот Доналд Туск освои 38,2 отсто од гласовите на европските избори во Полска, пред конзервативната Право и правда (ПиС) со 33,9 отсто.

Loading...

Граѓанската платформа, членка на Европската народна партија (ЕПП), освои 38,2 отсто од гласовите и на тој начин го постигна приближно истиот резултат како и во 2019 година.

„Полска покажа дека овде победуваат демократијата, чесноста и Европа. Десет години го чекаме ова прво место, многу сум среќен“, изјави Туск.

На второ место со 33,9 отсто од гласовите е опозициската конзервативна партија ПиС, која значително го влоши резултатот од пред пет години, кога доби нешто повеќе од 45 отсто од гласовите и 25 мандати. Сега ќе ги има 19.

Екстремно десничарската Конфедерација го зазеде третото место со 11,9 отсто од гласовите. Ова е речиси двојно повеќе од пред пет години, кога таа доби 4,5 отсто од гласовите.

На изборите излегле нешто помалку од 40 отсто од гласачите. Така, излезноста беше за пет процентни поени помала од 2019 година, но значително повисока од изборите за Европскиот парламент во 2004, 2009 и 2014 година, кога се движеше меѓу 20 и 25 проценти.

Со 53 места во Европскиот парламент, Полска е петта меѓу членките на ЕУ по бројот на места – по Германија, Франција, Италија и Шпанија.