Специјалната комисија на Конгресот на Соединетите Американски Држави, која ја истражува улогата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите поддржувачи во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, дојде до конечен заклучок дека Трамп свесно дејствувал против законот со цел да се смени резултатот од изборите во САД, пренесува агенцијата Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Деветчлената конгресна комисија, во која мнозинството го сочинуваат седум демократи, му препорача на американското Министерство за правда да го обвини Трамп за извршување на четири злосторства, од кои едното е помагање и поттикнување бунт, пренесува Ројтерс.
Објавена кандидатура
Комисијата го истражувала овој случај 18 месеци, сослушала повеќе од 1.000 сведоци и анализирала повеќе од еден милион документи, а заклучокот и објаснувањата ги донесе во документ од 845 страници.
Како заклучок, комисијата предлага, покрај Трамп, меѓу обвинетите да бидат и неговите адвокати и советници Џон Истман, Рудолф Џулијани, Џефри Кларк, Кенет Чесебро и Марк Медоус.
Министерството за правда нема обврска да ги прифати препораките на конгресната комисија, според Ројтерс.
Доналд Трамп, кој веќе најави кандидатура за претседателските избори во 2024 година, ги отфрла сите обвинувања и ги нарече членовите на комисијата „битанги и разбојници“.