Со почеток во 20 часот во малата сала на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово утревечер, концерт ќе одржи пијано дуетот АНАнтонио.
АнАнтонио пијано дует го сочинуваат: Ана Јосимовска Кањацо и Антонио Кањацо.
Двајцата признаени музичари со македонско и италијанско потекло, живеат и творат во Љубљана, Словенија. И двајцата пијанисти се валдорфски педагози и предаваат во Валдорфското музичко училиште во Љубљана.
Нивниот врвен пијанистички израз е обликуван од различните културни средини и познатите музички установи како што се: Музичка Академија Љубљана, Академијата „Santa Cecilia„ Бергамо, Академијата „Angelica Costantiniana” Рим, Музичката Академија Пескара и преку соработката со извонредни музичари како: Константин Богино, Дубравка Томчиш Среботњак, Рита Трпчева Поповиќ, Маријаграција Лиои, Карола Гриндеа, Ноел Флорес, Александар Сердар, Михаил Воскресенски, Алдо Чиколини, Бруно Ригуто, Марчела Крудели.
Добитници се на многу награди од меѓународни натпревари и настапувале со Македонска филхармонија, Словенска филхармонија, Оркестарот на музичката Академија од Пескара, Младинскиот оркестар од Мартиненго, оркестарот на меѓународниот фестивал во Chioggia, на Коларац во Белград, во Народниот музеј во Софија, Театарот „Paisiello” во Лече, Салата „Piatti“ во Бергамо, во Театарот „Marcello” во Рим, на Словенскиот конзерваториум во Париз, во „Gotheanu” во Дорнах, во „Michael Hall” во Лондон, на Музичката Академија во Осло…
Имаат концертни предавања во организација на EPTA Словенија и Италија.
Нивниот репертоар опсега дела за клавир соло, дует и за два клавира од Јохан Себастијан Бах до делата на Родион Шчедрин и Гиорги Куртаг.
Во 2014 година издаваат прв компакт диск со наслов „Тарантела“.