Членовите на студиото Артистика „Мангаларес“ од Кали, Колумбија беа вистински ѕвезди на првата вечер од Меѓународниот фолклорен фестивал „Куманово“ кој се одржа во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Колумбијците ги собраа најголемите аплаузи на присутните во салата, а тие пак приредија извонредно шоу со својот настап.
Освен нив, на фестивалот учествува и домаќинот КУД „Панче Пешев“,ансамбл „Кочо Рацин“- Скопје, КУД „Карпош“ – Крива Паланка, КУД „Бајрам Шабани“ – Куманово, КУД „Панче Пешев„-Куманово, Студио „Етнос“- Скопје и Фолклорен ансамбл „Битола“, националниот ансамбл „Танец“, КУД „Јабланичко коло“ – Лебане, Лесковац, Србија, КУД „Живинице“ БиХ, Шопски ансамбл „Раде Радев“- Софија, Бугарија и КУД „Димитриеје Туцовиќ“ – Белград.
На вчерашното отварање се обрати градоначалникот на Општина Куманово, кој заедно со Советот и Министерството за култура е покровител на манифестацијата.
– Културата потекнува од традицијата, минатото се ткае низ она што го создаваме сите ние заедно следејќи ги наште претци и сопствената иднина низ културата и традицијата, она што значи опстанок не само на Македонците, туку и на сите народи кои што живеат во овие балкански простори и пошироко. Со овој Меѓународен фестивал Куманово само се вклопува во големиот мозаик на светската традиција, рече Димитриевски.
Тридневниот фестивал продолжува и вечерва во 19:30 часот со настап на фолклорните групи, а претходно во текот на денот учесниците имаа и свечен прием од страна на градоначалникот.