Колку повеќе проблеми и конфликти, толку повеќе пари за војска

Сподели со своите пријатели

Колку повеќе проблеми и конфликти, толку повеќе пари, е клучниот наод од извештајот на Стокхолмскиот институт за мировни истражувања (СИПРИ) објавен денеска.

Се посочува дека светот троши рекордни суми за војската, а главни причини се инфлацијата, војната во Украина и американската трка во вооружување со Кина.

Минатата година е забележан скок од 3,7 отсто во трошоците за одбрана, што е најголем годишен скок откако се забележани овие податоци, пишува Дојче веле.

„Без разлика дали економиите имаат подобри или полоши перформанси од очекуваното, војската добива повеќе средства отколку во претходните години, всушност повеќе отколку во кое било време во минатото“, рече истражувачот на СИПРИ, Нан Тијан, еден од авторите на извештајот.

Во извештајот се наведува дека секоја година од 2014 година, кога Русија го анектираше Крим, членките на НАТО трошат се повеќе и повеќе на армијата и одбранбениот систем.

Сепак, иако вкупната сума доделена во светот за воени потреби минатата година ги надмина магичните два трилиони евра (две илјади милијарди евра), уделот на БДП потрошен за одбрана падна за 0,1 отсто.

Во изминатите десет години, голем број земји почнаа да трошат значително повеќе за војската, на пример Кина (63 проценти повеќе), Индија (47 проценти), Израел (26 проценти), но процентот од вкупниот БДП наменет за одбраната е намален и во тие земји.

Тоа значи дека економскиот раст го надминува растот на воените трошоци, а треба да се додаде дека голем дел од зголемените трошоци се должи на инфлацијата.

Во извештајот на SIPRI се наведува дека, како и секогаш, САД се сами на врвот и минатата година потрошиле 877 милијарди долари на војската, што е речиси 40 отсто од светските трошоци за одбрана.

Гледано во однос на целокупната американска економија, тоа е помала распределба од БДП отколку пред 10 години, а особено е помала отколку за време на Студената војна, кога околу 10 проценти од БДП се трошеше за одбрана.

Според Нан Тијан, овие огромни инвестиции во војската сепак даваат можност официјален Вашингтон да ја покаже својата моќ и да го „рашири своето влијание врз остатокот од светот“.

На второ место е Кина со 292 милијарди долари, но без оглед на значително помалите распределби, многу американски аналитичари предупредуваат дека Кина е сериозен конкурент по воена моќ, поради што САД мора да трошат уште повеќе.