Американскиот претседател Доналд Трамп, во своето обраќање до Конгресот, ја спомена 23-годишната Украинка Ирина Заруцка, која беше брутално убиена во август 2025 година.
Трамп ја искористи нејзината трагична судбина за да ги критикува политиките што, според него, им дозволуваат на опасните криминалци да останат на слобода, пишува Украинска правда.
Трамп: Таа избега од војната само за да биде убиена од криминалец
„Таа избега од брутална војна само за да биде убиена во Америка од закоравен криминалец ослободен да убива“, рече Трамп.
Трамп истакна дека и покрај напредокот, опасните повеќекратни сторители сè уште се ослободуваат поради политиките што ги поврзал со демократите.
Потоа се обрати на мајката на Ирина Заруцка, Ана, која беше присутна во салата.
„Вечерва имаме чест да бидеме домаќини на жена која поминала низ пекол, Ана Заруцка. Таа и нејзината прекрасна ќерка Ирина – толку убава, прекрасна млада жена – избегаа од воено разорената Украина во 2022 година за да живеат кај роднини во близина на Шарлот, Северна Каролина“, започна Трамп.
„Минатото лето, 23-годишната Ирина се враќаше дома со воз кога едно пореметено чудовиште, уапсено повеќе од десет пати и ослободено без кауција, стана и дивјачки ја пресече по вратот и телото со нож. Никој никогаш нема да го заборави ужасниот израз на лицето на Ирина додека го гледаше напаѓачот во последните секунди од својот живот. Таа почина на самото место“, продолжи тој.
„Госпоѓо Заруцка, ви ветувам вечерва дека ќе обезбедиме правда за вашата прекрасна ќерка Ирина“, заклучи американскиот претседател.
Трамп побара смртна казна за убиецот
Трагедијата се случи вечерта на 22 август на железничката станица Ист/Вест Булевар во населбата Саут Енд во Шарлот.
Според полицискиот извештај, Ирина Заруцка претрпе повеќекратни убодни рани и почина на местото на настанот.
Полицијата го уапси осомничениот за убиството, 34-годишниот бездомник Декарлос Браун помладиот.
Тој беше однесен во болница со повреди кои не му беа опасни по живот, а подоцна беше уапсен и обвинет за убиство од прв степен.
Браун веќе има криминално досие и е апсен неколку пати од 2011 година за кражба, вооружен грабеж и закани.
Трамп претходно бараше смртна казна за него.

