Среде американско-израелските напади врз Иран и тврдењата на висок израелски функционер дека врховниот водач Али Хамнеи е мртов,
Исламската Република се соочува со својот најголем политички пресврт од револуцијата во 1979 година.
САД и Израел утрово започнаа координирани напади врз ирански воени и безбедносни цели.
Пентагон операцијата ја нарече „Епски гнев“, додека израелската страна нејзината акција ја нарече „Крик на лавот“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во видеото рече дека целта на нападот е „да се стави крај на безбедносната закана за САД“ и „да им се даде можност на Иранците да ги соборат нивните владетели“.
Потоа следеа ирански ракетни контранапади врз Израел, но и врз американските воени локации во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Катар. Израел прогласи вонредна состојба, а регионот е на работ на поширок конфликт.
Во овој контекст, израелски функционер изјави за Ројтерс дека „ајатолахот е мртов и неговото тело е пронајдено“.
Техеран се уште официјално не ја потврдил оваа информација.
Али Хамнеи владееше 36 години
Али Хамнеи (86) доминира во Иран од 1989 година, кога ја презеде доживотен врховен водач по смртта на Рухолах Хомеини.
Како највисок авторитет во политичкиот и верскиот систем, тој ги контролираше вооружените сили, безбедносните служби, судството и клучните политички одлуки.
За време на неговите три децении на власт, тој ги преживеа студентските протести во 1999 година, масовните немири во 2009 година, бранот бунтови во 2019 година и движењето „Жени, живот, слобода“ во 2022 и 2023 година, предизвикани од смртта на Махса Амини во притвор.
Секој пат кога режимот одговараше со репресија.
Неговото владеење беше обележано со строга контрола, потпирање на Револуционерната гарда (ИРГЦ) и постојана конфронтација со САД и Израел.
Тој одби да го признае Израел и ги поддржуваше сојузничките групи низ Блискиот Исток.
Војна која ги разоткри слабостите
За време на 12-дневната војна во јуни 2025 година, кога Израел ги изврши најдлабоките напади во Иран досега, Хамнеи беше принуден да се крие.
Војната откри сериозни безбедносни пропусти и пенетрација на странски разузнавачки служби во иранските структури.
И покрај тоа, во своите јавни обраќања тој истакна дека Иран нема да попушти.
По повод 47-годишнината од Исламската револуција, тој тврдеше дека револуцијата „го спасила Иран од странско влијание“ и дека силата на земјата лежи во единството.
Но, аналитичарите последните месеци оценуваа дека положбата му е покревка од било кога, особено поради економските проблеми, санкциите и растечкото незадоволство на населението.
Кој ја презема власта?
Доколку се потврди неговата смрт, прашањето за сукцесијата станува клучно.
Според уставот, Советот на експерти назначува нов врховен лидер.
Во политичките кругови со години се шпекулира за неговиот син Моџтаби Хамнеи, кој од сенка управува со канцеларијата на својот татко и ужива силна поддршка од тврдокорните.
Револуционерната гарда, како најмоќна институција во земјата, би можела да одигра клучна улога во транзицијата.
Американската ЦИА претходно процени дека, во случај на смрт на Хамнеи, тврдокорните од ИРГЦ ќе бидат тие кои би можеле да ја консолидираат власта.
Иранскиот парламент во јануари соопшти дека каков било напад врз врховниот лидер ќе значи „објавување војна на целиот исламски свет“ и може да предизвика прогласување џихад.
Регион на работ
По нападот, Трамп разговараше со лидерите на Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати и со генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Консултациите уследија по иранските напади врз американските бази во регионот.
Ако Хамнеи навистина е убиен, Иран влегува во период на длабока неизвесност.
Можна е внатрешна конфронтација меѓу фракциите, но и дополнителна ескалација на конфликтот со Израел и САД.
За режим кој почива на една фигура веќе 36 години, ова може да биде момент што ја менува играта.

