Кои се најмоќните пет ИТ компании во македонска сопственост?

Сподели со своите пријатели

„ПАРИ“ АНАЛИЗА: Кои се петте компании чии вкупни приходи се поголеми од 38 милиони евра, а збирот од нивните добивки е 9,8 милиони евра.

Loading...

Ефекти постигнати само од пет, а ги има речиси две илјади активни компании во овој сектор! Како се материјализираат неограничените можности што ги дава светот кој се базира на факти, знаење и транспарентност.

Расте брзо. Не познава граници. Креира работни места. Увезува. Многу повеќе извезува. Информатичката и комуникациска технологија е сектор кој ги крева просеците во македонската економија. Ги шири видиците. Создава услуги со голема додадена вредност. И, врвни продукти кои одговараат на стандардите што ги диктира глобалниот пазар. За успешниот продор во странство, доволно е да се каже – светско, а наше.

Во Македонија има околу две илјади ИТ компании, кои вработуваат речиси 20 илјади лица, а потрагата по нови е постојано актуелна. Условите за работа и платите се далеку над вообичаените. Тука е и погодноста што може да се работи од дома, или од било која точка на земјината топка. Remote working концептот се покажа мошне ефикасен.

Извозот на ИКТ – информатички, компјутерски и телекомуникациски услуги, минатата година го премина прагот од 467 милиони евра. Статистиката бележи раст од 41 процент. Или, 137 милиони евра повеќе од 2021, кога со задоволство се посочуваше износот од 330 милиони евра. Секогаш може повеќе. За информатичарите, нема лимити.

Фактите се потврда за тоа. Последниве пет подини извозот на ИКТ услуги незапирливо се зголемува. Во 2018 се работело за речиси 184 милиони евра. Па, нема друг сектор во кој извозната активност нараснала за 155 проценти.

Наспроти тоа, кај увозот на услугите што ги дава оваа дејност растот е 47 насто. Исто така, за пет години.

И, кога ќе се стават една до друга двете бројки од 2022 година – 467 милиони евра извоз и 132 милиони евра увоз, лесно се пресметува суфицитот од 335 милиони евра.

Loading...

Порталот „Пари“ во соработка со платформата БизнисМрежа.мк ги пребаруваше и анализираше параметрите остварени од ИТ компаниите, кои се сто проценти во македонска сопственост. Наодите се неверојатни. Вкупни приходи поголеми од 38 милиони евра имале само пет фирми. А, 9,8 милиони евра е заедничката добивка. На само пет од речиси две илјади активни компании во овој сектор! Станува збор за минатогодишните постигнувања (износите се заокружени за полесно проследување).

ПРОЧИТАЈТЕ И:  На Германија ќе и требаат 288.000 странски работници секоја година до 2040 година

 

Извор:БизнисМрежа.мк

 

ДОБИВКАТА НЕ РАСТЕ ПРОПОРЦИОНАЛНО СО ПРИХОДИТЕ

Повторно ⋮IWConnect или со правно име Интерворкс увоз-извоз ДООЕЛ Битола е на челната позиција во топ 5 компании според приходите со кои ја завршиле 2022 година – речиси 11,8 милиони евра. Во 2021 биле седум милиони евра. Што означува раст од 67 проценти.

Од просторија налик на визба, со голема желба да работат програмирање за Америка, битолските ентузијасти за 19 години совладале планини и океани. Стигнале до САД, каде што во Хјустон – Тексас имаат свое претставништво. Исто како и во Амстердам, Холандија, во соседството – во Нови Сад, а на домашен терен се присутни во Прилеп, Скопје, Охрид. Сега тоа е глобална, мултидисциплинарна ИТ компанија, каде што се создаваат иновативни решенија и вредности.

Оттаму, добивката се подразбира. Со таа разлика што не го следи растот на приходите, па ⋮IWConnect е второрангиран во групата од пет компании со највисоки добивки. Конкретно, лани имале профит од 2,8 милиони евра. Износ за 44 насто поголем од добивката остварена една година порано – 1,9 милиони евра.

Loading...

Овие резултати се дело на 205 вработени, со просечна плата од 61.255 денари, односно над 990 евра. За една година има промена, нагорна, и кај платите – за 15 проценти и кај бројот на работно ангажираните – за 21 насто.

Всушност, и во двете петорки направена е рокада со Axapta Masters (Аксапта Мастерс ДОО Скопје), која е втора според приходите, а првопозиционирана по добивката.

Компанијата, на која исто така далечината не и претставува проблем, со својата понуда навлегла во производството, транспортот, автомобилскиот сектор, малопродажбата, градежништвото, фармацијата, во осигурителната дејност… минатата година ја завршила со добивка која за цели 109 проценти ја надминала претходната. Или, 2,83 милиони евра наспроти 1,3 милиони евра.

Приходите од кои произлегува добивката на крајот од 2022 биле измерени со 9,9 милиони евра. Споредбата со 2021, кога износот бил 5,5 милиони евра, укажува на раст од 80 насто.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  На Германија ќе и требаат 288.000 странски работници секоја година до 2040 година

Резултатите се продуцираат од канцелариите во Скопје, Нови Сад, Малта, Велика Британија. Вработени, според податоците од 2022, се 177 лица и во однос на 2021 година на ова поле растот е 111 насто. Просекот на платата малку опаднал – за три отсто. И, од 111.754 денари (1.800 евра) преклани, лани изнесувал 108.020 денари (1.750 евра).

Nextsense (Некстсенс ДОО Скопје) е трета по приходи, а четврта според забележаната добивка. Компанијата специјализирана во управувањето со целосни процеси на дигитална трансформација и испорака на ИКТ решенија, лани имала приливи од 8,4 милиони евра. Со 23 проценти ги надминала приходите од 2021 (6,8 милиони евра). Па, во петорката е со најнизок раст.

Затоа, пак, поместувањето кај добивката е 74 насто. Лани изнесувала 1,3 милиони евра, а преклани 756 илјади евра. Тоа го одработиле 93 лица (во 2021 – 87, што претставува раст од седум проценти). Во таа компанија просечната плата за една година има зголемување од 13 насто, или од 72.820 денари/1.200 евра во 2021, на 82.284 денари/1.300 евра лани.

 

Loading...

Извор:БизнисМрежа.мк

 

АПГРЕИД НА ПРОФИТОТ ЗА 451 ПРОЦЕНТ

Четврторангираниот од аспект на приходите – Intertec.IO (Интертек.ИО ДООЕЛ Скопје) го нема меѓу петте компании кои со своето работење оствариле највисоки профити. Станува збор за 4,2 милиони евра на приходната страна, кои означиле раст од 27 проценти (3,3 милиони евра во 2021). Притоа, добивката во 2022 била 264 илјади евра, а во годината пред тоа 119 илјади евра. Позитивната разлика е 122 проценти.

Дека работата не заостанува покажуваат и податоците за проширување на тимот – за 12 насто. Минатата година во компанијата работеле 121 лице, за 13 повеќе отколку во 2021. Тие примале просечна плата од речиси 1.300 евра (78.872 денари), за осум проценти повисока од онаа во 2021 од 1.200 евра (73.300 денари).

Листата на топ 5 според приходите се заокружува со Panteleon GS (Пантелеон ГС ДООЕЛ увоз-извоз Скопје). Компанијата, која за четири години откако е формирана има повеќе од 250 клиенти низ светот, лани обезбедила приходи од 3,9 милиони евра. Со тоа, во друштвото на најприходните се издвојува со растот од цели 220 насто. Или, во 2021 износот бил 1,2 милиони евра.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  На Германија ќе и требаат 288.000 странски работници секоја година до 2040 година

Затоа, меѓу компаниите со најголеми профити е на средина, на третата позиција, со 2,1 милион евра. И во овој поглед е соборен рекорд. Пантелеон ГС е убедливо прв со растот од огромни 451 процент, во однос на 2021, кога добивката била 378 илјади евра.

Иако бројките се помали во однос на другите компании, овде и кај новите вработувања е забележан висок процент – 66. Или, од 53 работно ангажирани во 2021, лани на платниот список биле запишани 88. Нивната просечна плата била повисока од државниот просек, но пониска од секторската конкуренција: 600 евра (36.626) лани, 470 преклани (29.167 денари). Зголемувањето е за 26 проценти.

Работат, се забавуваат и заработуваат. Furious Avocado (Фуриоус Авокадо ДОО Скопје) и неговиот тим се познати по бумот што го направија веќе со првата игра „Tie Dye“ во 2020 (од таа година постои и фирмата). И, уште во првата недела забележала повеќе од три милиони преземања, а за четири месеци 50 милиони. Сепак, не станува збор за почетничка среќа.

И покрај минусот од 63 проценти, Фуриоус Авокадо е во најдобрата петорка според добивката од речиси 742 илјади евра. Во 2021 сумата била два милиони евра. И, од тогашното прво, се позиционира на петата позиција.

Ова упатува и на пад кај приходната страна од 2,7 милиони евра во 2021, на 1,2 милиони евра лани. Негативата е 54 проценти.

Loading...

Во друштвото на најдобрите, оваа фирма е со најмалку вработени – само десет и со пониски плати, чиј просек е 42.184 денари или 690 евра. За потсетување, големиот профит во 2021 го направиле осуммина, кои тогаш примале 32.027 денари, односно 520 евра, просечно. Но, сумите не претставуваат пречка, па ова студио во својот тим има развивачи на игри од Германија, Холандија и Србија.

Со инвентивноста, иновативноста и динамичноста оваа дејност е носител на напредокот. Брзината и начинот на кој се развива постојано го држи отворен влезот за нови креативци. Големи се можностите на ИТ индустријата, или со речникот на информатичарите – простор во кој секоја 0 има свое место и секој 1 наоѓа совршен партнер.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/it-sektorot-gi-kreva-prosecite-vo-ekonomijata-rabotat-se-zabavuvaat-zarabotuvaat/