Истражувањето спроведено од NordLocker покажува кои индустрии најчесто се цел на напаѓачите на ransomware софтвери.
Тие анализирале повеќе од 1.200 компании кои беа жртви на овие напади во 2020 и 2021 година.
На врвот на листата се градежните компании кои во 93 случаи биле жртви на напади.
По нив следуваат производствените компании (во 86 случаи), финансиските институции (69 случаи), здравствените установи (65 случаи) и образовните институции (63 случаи).
Меѓу жртвите не се само големите организации, како што се глобалните хотелски синџири, големите конгломерати и светски познатите компании за облека, туку и малите семејни компании, како што се рестораните или стоматолошките клиники.
Најмногу напади извршила хакерската група Conti (450), потоа REvil (210 напади), DopplePaymer (200 напади) и PYSA (188 напади). Земјите кои се најмногу погодени од овие напади се САД (732 случаи), Обединетото Кралство (74 случаи), Канада (62), Франција (58) и Германија (39 случаи).
Истражувањето, исто така, забележува дека се преземени големи акции против групите за ransomware софтвери.
Така, минатонеделната акција успешно ги затвори серверите на REvil за ransomware-as-a-service, но се очекува таа да биде краткотрајна и серверите наскоро повторно да бидат онлајн.
Нападите со ransomware софтвер повеќе не се привилегија на квалификувани хакерски групи, бидејќи секој што сака да плати може да изнајмува ransomware услуги, па дури и да се претплати на нив.