Ако некогаш некој се запраша зошто од година во година се намалува бројот на студенти по новинарство еве го одговорот.
Новинарството стигна до дното! На тоа дно го однесоа луѓе пропагандисти, луѓе кои наместо да го штитат јавниот интерес и ја информираат јавноста, се богатат заедно со политичарите, на сметка на народот кој плаќа данок за се и сешто во оваа држава.
Последно од дното на новинарството е насловната страница на весникот „Слободен печат“. На неа уредникот одлучил да стави жена која ги брани интересите на својата држава и ставовите кои ги застапува. Новинарот, во овој случај уредникот одлучил да ја исмее жената без заби која протестира пред Собранието на Република Македонија за време на гласањето на Законот за употреба на јазиците. Ако уредникот не се согласил со нејзиниот став, не мора да значи дека треба да ја исмејува.
Loading...
Тоа што жената нема заби можеби е последица на сиромаштија, болест, или бола каква друга причина која е приватна и за која уредникот не треба да води сметка. Но, што е тоа за што треба да води сметка? Еве јас како студент по новинарство и новинар и фотограф, ќе му кажам, тоа е јавниот интерес, тоа е напнатата ситуација во Собранието и насилното гласање на Законот за јазици.
Можеби овој текст нема да допре до уредникот, што не ми е битно. Но сакам јавноста да знае дека кога фотографите ќе излезат на терен со скапите објективи правиме и по неколку фотографии во секунда. Во дел од секунда секој може да направи тикови, да излезе лошо на фотографијата или во најмала рака не како што очекувал. Медиумите треба да се грижат и за естетиката, не сите фотографии се за објавување, а особено не за исмејување.
На мојот факултет по новинарство годинава не се запиша ниту еден студент. Алал вера господа уредници, господа политичари кои вршите притисок врз оваа фела. Не барајте други виновници. Долго време во себе го собирам гневот од ситуацијата во која се наоѓа новинарството и македонските медиуми, а насловната страница на „Слободен печат“ ја прелеа чашата.
Впрочем, насловната страница ја продава веста, но вашиот весник господа, најверојатно повеќе никој нема да го купи.
Автор: Никола Ивановски, новинар и фотограф на поратлот Кумановски Муабети