Преку Буџетот на државата и јавен повик преку Агенцијата за млади и спорт се обезбедени 7,5 милиони денари за реконструкција на Соколана, рече денеска на прес конференција Драгана Коцевска член на СДММ Куманово.
Како што потенцираше Коцевска, овој симбол на градот кој сведочи за спортскиот дух на кумановци, поради негрижа на претходната власт беше оставен на забот на времето.
– Владата предводена од СДСМ го врати овој објект во владение на Општина Куманово заедно со уште три големи спортски објекти и тоа спортската сала, градскиот стадион и стрелиштето со што се отвора можност и локалната самоуправа во соработка со Владата да одвои средства за враќање на ликот и целосно обновување на овие култни места значајни за нашиот град, како и целосно ставање на овие објекти во функција на граѓаните, изјави Коцевска.
Со јавниот повик е предвидено Соколана да го зачува целиот свој автентичен изглед.
– Се предвидува партерно уредување на игралиштето, целосна реконструкција на постоечкото игралиште, теренот за мал фудбал со комплетна реконструкција на трибините како и уредувањето на паркинг просторот, рече Коцевска.
Со ова, додава таа, им се враќаат спортските објекти на кумановки и кумановци и се вложува во здравјето и спортскиот дух на граѓаните.
Никола Ивановски

