До 2050 година, според умереното сценарио на климатски промени, светот би можел да изгуби повеќе од половина од обработливото земјиште на кое сега се одгледува кафе, се заклучоците на новото истражување на научниците од Швајцарија.
Во моментов водечкиот светски производител на кафе, Бразил, ќе загуби 79 отсто од својата површина за одгледување кафе со оваа стапка, велат научниците, проценувајќи го потенцијалното влијание на климатските промени врз некои тропски растителни видови, вклучувајќи кафе, индиски ореви и авокадо.
Сите три вида се важна храна со која се тргува низ светот, а која најмногу ја произведуваат малите фармери во тропските предели.
Кафето е секако најважно овде – се очекува да заработи 460 милијарди долари во 2022 година. Трговијата со авокадо е вредна 13 милијарди, а индиските ореви 6 милијарди долари.
Заклучокот на научниците е дека поради предвидените климатски промени значително ќе се намалат површините погодни за одгледување на овие култури во главните региони каде што моментално се произведуваат. Ова ќе влијае и на одгледувачите и на потрошувачите.
Идни производители – Кина, Аргентина и САД
До денес, повеќето истражувања за влијанието на климатските промени се фокусирани на главните прехранбени култури, како што се пченицата, пченката, компирот и маслодајните семиња, од кои сите се одгледуваат во умерена клима.
Многу помалку внимание се посветува на тропските екосистеми, кои сочинуваат околу 40 отсто од обработливото земјиште во светот, каде живеат околу три милијарди луѓе.
Овие студии почнуваат да го покажуваат изненадувачкиот опсег и сложеноста на влијанието на климатските промени врз одгледувањето на најраспространетите култури во тропските предели.
Уште поважно, тоа влијание нема да биде рамномерно распределено и некои делови од светот, како Бразил, ќе бидат особено погодени, а некои други земји ќе можат да имаат корист од климатските промени.
На пример, делови од Кина, Аргентина и САД ќе станат погодни за одгледување кафе.
Она што е исто така сигурно е дека овие промени најверојатно ќе се случат поради многу бавниот одговор и реакција на човештвото на намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид.
Затоа, како што истакнуваат научниците, потребно е да се прилагодиме на претстојните промени во времето – полека треба да започне транзицијата кон други култури.
Сепак, какви и да се преземат мерки, многу тропски култури веројатно ќе станат поретки и, според тоа, поскапи во иднина.