Косово ќе биде следната дестинација за кошаркарите на Куманово кои утревечер со почеток во 19 часот ќе го одиграат мечот против Пеќ во рамките на БИБЛ лигата.
Кумановци подготвени влегуваат во мечот со силен противник. Победата која сино-белите ја реализираа минатата недела против Карпош Соколи им обезбеди пласман во полуфиналниот дел од натпреварувата во балканската лига, а доколку извојуваат победа и во овој натпревар ќе ја зацврстат својата прва позиција во табелата од Д групата.
За добрата игра на избраниците на Србиновски зборува и фактот што капитенот на КК Куманово, Марјан Јанески е меѓу петте најдобри кошаркари во БИБЛ лигата. За 32 минути игра во мечот против Карпош Соколи имаше вкупен индекс 22, девет скока и пет асистенции. На листата Јанески се наоѓа на делба за второто место заедно со играчот на Теодо Станојевиќ и Рос и Омари од Берое кои имаат исто вкупен индекс од 22.