Кошаркарите на Куманово утревечер во рамките на БИБЛ лигата гостуваат кај Кожув во Гевгелија, каде ќе се обидат да ја обезбедат својата седма победа по ред.
Натпреварот започнува во 19 часот, а истиот требаше да се одигра во вторник, но поради здравствени проблеми на дел од кошаркарите на Кожув и ниските температури беше барано истиот да се одложи. Неизвесно е кој од кошаркарите на Кожув ќе се најде во активниот состав на тренерот Михајловски со оглед дека петмина стрелци се пожалиле на висока температура и грип.
Веќе во сабота повторно на гостување во Гевгелија избраниците на Србиновски ќе ги измерат силите со кошакарите на Кожув во рамките на домашното кошаркарско првенство, а на 24ти во рамките на Балканската лига за противник го имаат бугарскиот клуб Берое.
Инаку Куманово моментално се наоѓа на втората позиција на табелата со осум одиграни меча и 14 бода, веднаш зад Берое кој се наоѓа на врвот со одиграни девет меча и седум победи. Противникот Кожув пак се наоѓа на самото дно на табелата со пет порази и три победи.