Кошаркарите на Куманово вчеравечер на гостински терен впишаа повторно пораз во домашното кошаркарско првенство, откаок беа совладани од составот на Фени Индустри со резултат 72:64.
Добра игра прикажаа двата тима во првата четвртина која домаќините ја завшрија со минимална предност од еден поен, односно резултат 20:19, откако Магдевски во последните две секунди од четвртината реализираше шут за три поени.
Втората четвртина сино-белите изгубија целосно концентрација, па со серија од 9:2 кошаркарите на Фени Индустри направија стабилна резултатска пердност, па на полувреме се замина со шест поени негатива за избраниците на Србиновски со резултат 41:35.
Второто полувреме беше катастрофално лошо за кошаркарите на Куманово, а самата трета четвртина беше клучна за кошаркарите на Фени кои направија солидна резултатска предност со двоцифрен број на поени, а кумановци реализираа скромни седум бода.
Последните 10 минути од натпреварот беа одиграни во релаксирана атмосфера за домаќините, а во напната за гостите кои се трудеа да ја намалат предноста на противникот, но сепак победата остана во Кавадарци со осум поени разлика.
Капитенот Александар Костоски беше најдобриот во составот на Куманово со реализирани 14 поени, а со еден поен помалку зад него е Данило Мијатовиќ. Во составот на Фени Индустри, со 16 поени најдобра игра прикажа Кире Николовски, Чешовиќ 15, а 12 поени впиша и Шарабидзе.
Следниот меч во рамките на домашниот шампионат избраниците на Србиновски го играат на 17ти декември во гости кај Вардар, а во рамките на БИБЛ лигата во вторник го пречекуваат составот на Сигал Приштина, меч на кој за последен пат Александар Костоски ќе игра во сино-белиот дрес.