Кошаркарите на Куманово вечерва на гостински терен го совладаа составот на АВ Охрид во рамките на второто коло од Првата кошаркарска лига на Македонија. Кумановци го покорија Охрид во „Билјаниди извори“ со резултат 73:91.
Маестрална прва четвртина одиграа кошаркарите на Игор Михајловски, кои по истекот на првите 10 минути имаа водство од високи 19 поени, односно резултат 12:31. Добрата игра на „сино-белите“ продолжи и во втората четвртина, каде сепак охриѓани ја намалија разликата на 12 поени, па на полувреме се замина со резултат 38:50 за составот на Куманово.
По паузата, кошаркарите на Куманово повеќе акцент ставија на својата одбрана, па третата четвртина ја завршина со позитива од 15 поени и во последната фаза од средбата влегоа со резултат 51:66, за да на крај рутински ја запишат првата победа оваа сезона со резултат 73:91.
Со 21 поен брилијантен како и секогаш беше репрезентативецот Димитар Караџовски, а веднаш зад него и капитенот на тимот, Марјан Јанески со 17 реализирани поени, следуваат Мирко Ковач со 16 и Грифин Раме со 15 поени.
Кај домаќините најдобар беше Американецот Рос со 20 поени.
Следниот натпревар во домашниот шампионат, „сино-белите“ го играат на 21ви месецов кога го пречекуваат составот на Карпош Соколи, а во меѓувреме, во вторник со почеток од 19 часот во рамките на БИБЛ лигата ќе го пречекаат црногорскиот Ибар Розаје.