Кошаркарите на Куманово се збогуваа со полуфиналето од Супер купот на Македонија откако вечерва во салата „Јасен“ во Кавадарци загубија од најтрофејниот македонски клуб, Работнички.
Со две врзани тројки, првин на Чековски, а потоа на Тасовски, екипата на Работнички го отвори мечот со низа од 6-0, за да веќе кон средината на првата четвртина повторно со тројка, овој пан на Мираковски направат водство од 10 поени, за да предноста на избраниците на Марин Докузовски во следните неколку минути дополнително порасне на 18:15 и првите 10 минути од средбата бидат во целосна доминација на кошаркарите од „Градски парк“ кои со 24:13 заминаа на кратката пауза.
Лошата игра на кумановци продолжи и во текот на втората четвртина, а како резултат на тоа со поените на Ненад Мишановиќ, Работнички поведе со резултат 30:15. Целата втора четвртина сино-белите мака мачеа да ја намалат разликата, но сепак семафорот на полувремето означи повторно висока предност за кошаркарите на Докузовски, односно резултат 42:29.
Избраниците на Марјан Србиновски лошо влегоа и во второто полувреме кога во третата четвртина дозволија Работнички да поведе на самиот старт со 16 поени разлика, а двоцифрената предност да ја одржува до крајот на третата четвртина која за кумановци заврши со -12 поени.
Последните десет минути на паркетот како да се разбудија кошаркарите на Куманово. Со три поени во низа на Јанески, разликата беше намалена на само 9 поени, односно резултат 63:54, за да подоцна биде намалена и на 5 поени со две врзани тројки на Караџовски и Јонел Браун. Но, откако сино-белите пропуштија напад за дополнително да се доближат до резултатот на Работнички, Чековски направи пет поени во низа и ја врати двоцифрената предност за својот клуб. Две минути пред крајот благодарение на поени на Димитар Караџовски, кумановци ја намалија разликата на четири поени, односно резултат 79:75, но сепак на крајот Работнички славеше со 87:81, а избраниците на Србиновски се спакуваа за дома.
Со 19 поени најдобар во редовите на Куманово беше Димитар Караџовски, а со 15 поени мечот заврши за Данило Мијатовиќ. Во ростерот на Работнички со 23 поени и 8 скока брилираше „поранешниот кумановец“ Ненад Мишановиќ, како и капитенот Мираковски со 19 поени, 5 скока и 7 асистенции.
Утре ќе продолжат полуфиналните натпреварувања, каде Работнички ќе се пресмета со Карпош Соколи, а Фени Индустри со победникот од мечот МЗТ – Кожув.
За пофалба беа навивачите и на двете екипи кои минаа неколку километри повеќе за да ги бодрат боите на своите кошаркари, за разлика од претходните натпревари на кои салата беше и премногу тивка за едно вакво кошаркарско натпреварување.
Loading...