Во рамки на Оперативниот план за вработување за 2025 година, Владата најави вработување на 400 нови пожарникари со цел поефикасно справување со шумските пожари кои сè почесто ја зафаќаат државата во летниот период.
„Со оваа мерка сакаме да постигнеме навремена и брза реакција при спречување на пожарите, кои се најприсутни токму во текот на летото,“ се наведува во соопштението.
Новите пожарникари ќе бидат распределени во општините каде што има најголема потреба, а нивната улога ќе биде клучна во борбата против огнената стихија која секоја година предизвикува големи штети на природата, инфраструктурата и имотот на граѓаните.
„Пожарникарите даваат натчовечки напори, ризикувајќи ги сопствените животи за да спасат човечки животи, животната средина и материјални добра. Затоа вложуваме во човечки капацитети токму таму каде што е најнеопходно,“ се додава во соопштението.
Покрај ангажманот на пожарникари, Владата планира и вработување на дополнителни 600 невработени лица, кои ќе бидат ангажирани во рамки на јавни работи и проекти на локално ниво, со фокус на инфраструктура и заштита на животната средина.
„Со ова придонесуваме не само кон заштита од пожари, туку и кон зачувување на здравјето на граѓаните и унапредување на животната средина,“ порача Владата, нагласувајќи дека здравата околина и безбедноста на населението се врвен приоритет.
Оваа мерка е дел од пошироките напори на Владата за трансформација на државата и создавање одржливи решенија за справување со климатските предизвици и зајакнување на јавната безбедност.
Никола Ивановски