Соединетите Американски Држави се убедливо најголемиот придонесувач за загадувањето со пластика во светот, покажува новиот извештај објавен во средата, кој повикува на развој на национална стратегија за да се стави крај на тоа.
Севкупно, САД создале околу 42 милиони тони пластичен отпад во 2016 година – скоро двојно повеќе од Кина и повеќе од земјите на ЕУ заедно, според извештајот на Националната академија на науките, инженерството и медицината.
Соединетите Американски Држави сочинуваат помалку од 5 отсто од светското население.
Во просек, секој Американец генерира 130 килограми пластичен отпад годишно, а потоа следи Обединетото Кралство со 98 килограми. Во Франција, просекот е 43 кг.
„Успехот на чудесниот изум на пластика во 20 век, исто така, создаде глобална поплава од пластичен отпад, каде и да погледнеме“, пишува Маргарет Спринг, претседателка на Комитетот на експерти која го напиша извештајот нарачан од Конгресот на САД.
Таа го нарече проблемот „еколошка и социјална криза“.
Најмалку 8,8 милиони тони пластичен отпад завршува во океанот секоја година во светот, што е околу еден камион за ѓубре што се истоварува во морето секоја минута, се објаснува во извештајот.
Целата пластика, вклучително и онаа фрлена на земја, има потенцијал да заврши во океанот, се додава.
Со сегашното темпо, количината на пластика фрлена во океанот може да достигне 53 милиони тони годишно до 2030 година, што е половина од вкупната тежина на рибите фатени во океанот секоја година.
Производството на пластика експлодираше од 1980-тите, но не и рециклирањето, се вели во извештајот.
Се препорачува да се развие национална стратегија во Соединетите Држави до крајот на 2022 година и да даде детали за повеќе насоки кои би можеле да го решат проблемот, како што е поставување ограничувања за производство на пластика што не може да се рециклира или развој на замени за пластика.
Тоа е најсеопфатниот извештај за загадувањето со пластика досега објавен, рече Џудит Енк, претседател на Beyond Plastics.