Ќе се чисти депонијата кај Туш, па ќе следуваат ригорозни казни

Сподели со своите пријатели

Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ повторно ќе ја чисти дивата депонија на влезот од населбата Перо Чичо, кај локацијата „Туш“, а веќе од понеделник, како што најави директорот Даниел Стојчевски, за несовесните граѓани ќе има ригорозни казни.

-Веќе имавме разговори со СВР Куманово и со надлежните инспекциски служби за да започнеме еден посериозен пристап кон забрана кон оние несовесни граѓани коишто фрлаат смет на оваа локација. Ќе започната надлежните со казнување и преземање на посериозни мерки, рече денеска директорот Стојчевски.

Првиот човек на „Чистота и зеленило“ упати апел граѓаните да престанат со ваквата навика, а особено нелегалните превезувачи на смет.

– Имаат можност да дојдат на нашата депонија во Краста и по многу ниски цени, кои ги донесовме на советот,  да ја завршат таа работа и со тоа да ја сочуваме животната средина, потенцираше Стојчевски.

Според него се очекува од депонијата да се изнесат најмалку петнаесетина камиони смет и шут.

Инаку оваа депонија се чисти по четврти пат годинава, и веднаш откако ќе си заминат комуналните екипи таа повторно е затрупана. Несовесните граѓани освен што тука исфрлаат смет, истиот често го палат, што пак шири чад и неподнослива мирис за околните куќи и дел од булеварот „Октомвриска револуција“.

Не е познато колкумина, и дали воопшто, се казнети за исфрлање смет на оваа локација.

Leave a Reply