Ќе се бара грант за изградба на заедничкиот граничен премин Табановце

Сподели со своите пријатели

На денешната 104. седница на Владата на Република Македонија на барање на Министерството за транспорт и врски на дневен ред ќе се најде и информацијата за потреба од доставување на апликација за инвестициски грант за изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Македонија и Република Србија.

Како што информираат од прес службата на Владата, на дневен ред на предлог на истото министерство ќе биде и информација од потребата за спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридор VIII, фаза 1 – делница Куманово – Бељаковце“, финансиран по пат на заем од Европската банка за обнова и развој.

На седницата денеска ќе се разгледа Информацијата за изградба на Дом на спортови, како и Информацијата за отворање на регионална канцеларија на EASA за Балканот во Скопје во просториите на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

На предлог на Државното правобранителство, на седницата на владата денеска ќе биде презентираната Информацијата на Државниот правобранител на Република Македонија за потреба од зголемување на бројот на државните правобранители во Државното правобранителство на Република Македонија, со Предлог за донесување одлука по ова прашање.

На денешната седница министрите во Владата на РМ ќе се произнесат по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, на предлог на Министерството за правда, а Министерството за внатрешни работи на дневен ред го достави Предлогот за поведување постапка за водење преговори за склучување на Протокол помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.

Владата на оваа своја 104 седница ќе биде информирана за извршената анализа на внатрешните процеси, функциите и човечките ресурси за стратешко планирање во министерствата и другите органи на државната управа што ја изготви Генералниот секретаријат на Владата на РМ.

Министерството за труд и социјална политика за точка на дневен ред на оваа седница предлага да биде разгледан Предлог-закон за изменување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.

На денешната седница, на предлог на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе биде разгледана Информацијата за основање на туристичка развојна зона Матка во општина Сарај.

Leave a Reply