Кошаркарите на Куманово во недела го пречекуваат актуелниот шампион во македонската кошарка, составот на Работнички, во рамките на 4. коло од Првата лига.
Досега кумановци имаат одличен учинок, во трите одиграни натпревари имаат извојувано победа и се наоѓаат на второто место на табалета, меѓутоа сега се исправени пред голем предизвик. За да успеат да го задржат темпото со кое ја стартуваа сезоната ќе мора да го совладаат составот на центарци кој е исклучително засилен и оваа сезона.
Сепак Куманово знае да изненадува, а за тоа доказ беше минатогодишниот натпревар кога по 11 победи Работнички клекна пред кумановската публика.
– Почетокот на лигата го отворивме добро, што беше беше, тие победи се забораваат, се ставаат во втор план, целиот фокус и енергија е насочен на мечот со Работнички. Се знае кој состав доаѓа, првакот на земјата, одлична екипа прокриена на сите позиции, со одличен тренер, така да ќе биде сигурно тешко, тие се фаворити, но ние играме пред наша публика. Она што можам да го ветам е дека сите од нас ќе пружат максимум, па ќе видиме дали тоа ќе донесе поволен исход, изјави Мирко Ковач, капитен на КК Куманово.
Избраниците на тренерот Александар Петровиќ неделава активно тренираат и ја креираат тактиката за шампионот.
– Не треба да не фаќа еуфорија, нема лесно, доаѓа шампионот. Ние имаме три победи, прво момците треба да сфатат дека шампионот ни доаѓа и треба да уживаат на тој натпревар и треба да победи подобриот од тој натпревар. Не треба еуфорија да не фаќа по овој старт од 3:0, изјави тренерот Петровиќ.
Комбинацијата од помлади и повозрасни играчи засега се покажа како добра тактика против Охрид, Вардар и Гостивар. И капитенот Ковач и тренерот Петровиќ се задоволни од вклопувањето на играчите.
– Презадоволен сум и од помладите и од повозрасните играчи, се направи еден склоп, добра атмосфера, едно големо другарство меѓу нив и мислам дека како да нема разлика во годините, така се чувствува екипата, изјави Петровиќ.
– Засега супер е. Сигурно дека добрата атмосфера и хемијата во екипата е 30 до 40 отсто успех, така да засега е се во ред и одлична е комбинацијата на нас повозрасните и помладите играчи и во таа насока и во тој ритам треба да се продолжи и понатаму, додаде Ковач.
Натпреварот против Работнички, кој влегува како фаворит во средбата, се игра во недела со почеток во 16:30 часот во спортската сала на СОУ „Перо Наков“.