Кит белуга за кој постои сомневање дека е „руски шпион“ е забележан на западниот брег на Шведска, потврди организацијата посветена на следење на овие цицачи.
Китот по име Хвалдимир првпат бил забележан на брегот на Норвешка во 2019 година со мистериозен појас.
Со години плива бавно, се движи од југот на Норвешка кон крајниот север, а во последните неколку месеци го засили темпото да ги напушти норвешките води.
Од организацијата OneWhale наведуваат дека не знаат зошто белугата одеднаш почнала да плива побрзо.
Белиот кит првпат се приближил до норвешките бродови во близина на островот Ингоја пред четири години.
Островот е оддалечен 415 километри од Мурманск, базата на руската северна флота.
Откриен е со држач за камера GoPro и токи со ознака „Опрема од Санкт Петербург“.
Откако животното било откриено, норвешките безбедносни служби спровеле истрага, а подоцна за Би-Би-Си изјавиле дека китот најверојатно бил обучен од руската војска.
Китот оттогаш е познат како Хвалдимир – по норвешкиот збор hval што значи кит и рускиот претседател Владимир Путин.
Москва официјално не ги коментираше наводите дека нејзината морнарица го обучувала Хвалдимир.
Таа претходно го негираше постоењето на какви било програми за обука на водни цицачи да шпионираат.
„Ако навистина го користевме ова животно за шпионирање, дали навистина мислите дека би оставиле мобилен број со пораката „ве молиме јавете се на овој број?““, рече рускиот резервен полковник Виктор Баранет во 2019 година.
Себастијан Странд, биолог од организацијата OneWhale, рече дека има неколку можни објаснувања за ненадејната промена на патеката на животното.
„Не знаеме зошто во моментов се забрза, особено што многу брзо се оддалечува од својата природна средина“, изјави тој за агенцијата Франс прес.
Една потенцијална причина може да биде покаченото ниво на хормонот што „го тера да бара партнер“, а друга „бидејќи се чувствува осамено“, додаде Странд.
„Белите китови се многу социјални животни, па можно е да бараат други членови на видот.
Овие китови живеат околу Гренланд или во водите на рускиот или норвешкиот Арктик, како и во близина на Алјаска.
Некои се селат во текот на летото.