Кина и Америка се две сили чија воена конфронтација, историски гледано, е неизбежна, а таквите околности бараат одговорни лидери за да се избегнат фатални последици за човештвото, смета поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, пренесува Танјуг.
Тој во интервју за Економист оцени дека тоа не се нормални околности, поради заемно гарантирано уништување и развој на вештачка интелигенција.
„Ние сме на почеток на околности кога машините би можеле да предизвикаат смртоносни заразни болести или други пандемии, не само нуклеарно, туку и човечко уништување на кое било поле. Овие околности бараат одговорни лидери кои барем се обидуваат да избегнат конфликт“, нагласи Кисинџер.
Американскиот дипломат рече дека светот е во ситуација како пред Првата светска војна и во која секоја нерамнотежа може да доведе до катастрофални последици.
„Двете страни се убедени дека другата претставува стратешка опасност. На пат сме кон конфронтација меѓу големите сили“, смета Кисинџер.
Америка и Кина се најголемата закана за мирот
Тој оцени дека најголеми закани за мирот се Америка и Кина, бидејќи тие имаат капацитет да го уништат човештвото.
Кисинџер, исто така, рече дека Јапонија е на пат да стане нуклеарна сила за пет години и ја пофали надворешната политика на Индија бидејќи „покажува рамнотежа“.
Кисинџер го пофали украинскиот претседател Володимир Зеленски како „извонреден лидер“ кој е мудар да ги поздрави дипломатските напори на Кина во Украина.
Тој најави дека го поддржува членството на Украина во НАТО и рече дека тоа е во интерес на Русија и објасни дека европските лидери грешат што се двоумат околу нејзиното приклучување во алијансата.
Угледениот американски дипломат смета дека на крајот на конфликтот Украина би можела да ги врати сите територии што ги загуби по 24 февруари 2022 година, освен Крим, кој, како што вели Кисинџер, ќе го задржи Русија.
Тој, исто така, ја доведе во прашање иднината на односите меѓу Кина и Русија и не зборуваше високо за квалитетот на водечките политички актери во САД.