Со вечерашниот натпревар меѓу Белорусија и Саудиска Арабија и официјално беше комплетирано второто коло од Светското Првенство, по кое на врвот на листата стрелци се наоѓа македонскиот капитен, Кире Лазаров.
Лидерот на нашиот национален тим игра фантастично на стартот од овој шампионат, постигна дванаесет гола на дуелот со Тунис, а потоа и десет погодоци против Ангола, меч на кој последните дваесетина минути ги проследи од клупата за резерви.
Со вкупно 22 погодоци Лазаров има солидна предност пред ривалите, со оглед на фактот дека Тунижаните Банур (19) и Буганми (18 гола) имаат и натпревар повеќе бидејќи африканскиот вицепрвак денеска го играше својот меч од третото коло во Мец. Уве Генсхајмер, кој беше прв стрелец по првото коло со 13 погодоци, денеска постигна само четири гола во убедливата победа над Чиле, па извонредното лето крило заостанува за пет погодоци зад Кире Лазаров. Исто број голови како Генсхајмер има и Норвежанецот Бјорнсен, но тој има и меч повеќе во однос на македонскиот капитен.
За значењето на Лазаров во играта на Македонија доволен податок е и дека десниот бек има зад своето име и 12 асистенции, па со просекот од шест по натпревар се наоѓа во топ 5 на шампионатот, зад Дувњак (осум по меч) и Атман и Хансен (по 6,5 додавања по натпревар).
Текстот е преземен од Екипа.мк