Втора по големина во светот, кинеската мобилна рефлекторска антена, ги помина сите проверки и е подготвена да прими сигнали од леталото што треба да влезе во орбитата на Марс следната недела.
Изградбата на овој радио телескоп, кој е најголем во Азија, започна во 2018 година во северната кинеска провинција Тјанџин, а заврши на време, бидејќи леталото се приближи до Марс во мисијата „Тијанвен-1“.
Новата антена има форма на плоча. Се состои од 1.328 панели и има дијаметар од 70 метри.
Сепак, таа е помала за 30 метри од најголемата мобилна антена на светот лоцирана во САД.
Кина досега користеше три антени со дијаметар од 35 до 50 метри во Пекинг и Кунминг, но тие не беа доволно силни за да обезбедат квалитетен прием на податоци од Марс, кој во моментов е оддалечен 180 милиони километри од Земјата.
Кога Земјата и Марс се наоѓаат на спротивните страни на Сонцето, растојанието на нивните орбити ќе биде околу 400 милиони километри. Со оваа антена Кина ќе може да ги поврзе сите четири телескопи и да ги зголеми нивните можности.
Вселенското летало „Тијанвен-1“ беше лансирано во јули 2020 година, а на гравитационото поле на Марс ќе пристигне на 10 февруари, каде ќе ги изврши потребните маневри за запирање.
Целта на кинеската Национална вселенска агенција е да слета орбитер и ровер на површината на Марс, а доколку слетувањето биде успешно, Кина ќе стане втора земја што успешно управува со возило на Црвената планета.
Кинеските научници на тој начин ќе се вклучат во мисија да бараат знаци од минатото и сегашната состојба на Марс, да ја анализираат неговата почва и атмосфера и да ја мапираат површината.
Пристигна и првата фотографија
Кинеското вселенско летало Тијанвен-1 ја испрати првата фотографија од Марс, соопшти Кинеската вселенска агенција.
Кина се надева дека ќе го спушти роверот во мај во областа Утопија, местото каде што некогаш погодил голем предмет.
Гардијан додава дека Кинезите инвестирале милијарди долари во вселенската програма, која е под надзор на армијата, а нивниот план е да се изгради вселенска станица во орбитата на Земјата до 2022 година.