Објава на интернет на новопечена невеста во Кина, на која локалната власт ѝ се јавила дали е бремена, собра десетици илјади коментари пред да биде отстранета, при што многу корисници на интернет изјавија дека доживеале слични повици.
Дебатата на интернет доаѓа откако претседателот Си Џинпинг на 20-от Конгрес на Комунистичката партија минатата недела рече дека Кина ќе воведе мерки за зголемување на наталитетот и за подобрување на стратегијата за развој на населението во земјата.
„Владата сака младите да забременат во рок од една година“
Во објава на Weibo, услуга слична на Твитер, корисникот по име lost shuyushou го опиша искуството на колешката која добила повик од Одделот за женско здравје на општинската влада на Нанџинг.
Изданието наведува дека функционерот и рекол дека локалната власт „сака невестите да забременат во рок од една година и нивната намера е да се јавуваат на секои три месеци“.
Општинската влада на Нанџинг и Националната здравствена комисија не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
Една жена во коментарите на првичната објава напишала дека се омажила во август минатата година и дека оттогаш двапати била повикана од локалната власт, која не ја именувала.
„Ти си во брак, зошто не се подготвуваш за бременост?
За прв пат ја прашале дали зема фолна киселина и дали планира да забремени. Вториот пат ја прашале дали е веќе бремена.
„Ти си во брак, зошто уште не се подготвуваш за бременост? Одвој време за твоето дете”, и рекле.
Објавата беше отстранета неколку часа откако беше објавена заедно со сите коментари.
По наметнувањето на политиката за едно дете од 1980 до 2015 година, Кина призна дека нејзиното население е на пат да почне да се намалува, што ќе ја загрози нејзината способност да се грижи за старите лица.
Драстичен пад на бројот на новороденчиња
Бројот на новороденчиња годинава ќе падне под 10 милиони од минатогодишните 10,6 милиони, а пад од 11,5 отсто веќе е забележан во 2020 година.
Некои демографи веруваат дека бескомпромисната кинеска политика на нулта толеранција за Ковид со строга контрола врз животите на луѓето може да предизвика длабока, трајна штета на нивната желба да имаат деца.
Експертите и активистите се исто така загрижени поради зголемената реторика на владата за вредноста на традиционалните улоги на жените и враќањето на правата на жените, како што се новите политики кои ги обесхрабруваат абортусите кои не се медицински неопходни.