Кинескиот ровер „Џуронг“ испрати серија нови фотографии од Марс, вклучително и селфи.
Роверот, кој слета во мај, ја постави безжичната камера на почвата и потоа се сврте малку назад за да го овековечи моментот.
Десно од Џуронг се наоѓа платформа со ракетен погон со која ова возило со шест тркала успешно слета на Марс.
Кинески знамиња се прикажани и на роботот и на платформата, пишува Би-Би-Си.
Платформата може да се види на друга фотографија направена од роверот. Може да се забележи и рампата преку која Џуронг морал да се спушти за да стигне до површината, како и трагите што ги оставил во прашината при вртење.
Третата фотографија го прикажува хоризонтот што се гледа од местото за слетување.
Овој регион е познат како Утопија Планитија – огромен пејзаж на северната хемисфера на Марс.
Сите слики ги објави Кинеската вселенска агенција на церемонијата како дел од успехот на мисијата на роверот.
Утопија Планитија е колосален басен долг повеќе од 3.000 километри, настанат од удар, а научниците се надеваат дека Џуронг ќе служи најмалку 90 дена на Марс.
Роботот е многу сличен на возилата на Американската вселенска агенција (НАСА) Spirit and Opportunity од 2000-тите и тежи околу 240 килограми, додека високиот јарбол носи камери што служат за фотографирање и како помагало во навигацијата.
Со помош на пет дополнителни инструменти, роботот ќе ја истражува минералогијата на карпите и природата на животната средина, вклучувајќи ги и временските услови.
Како и американските ровери, така и Џуронг има ласер кој ги сече карпите, поради тестовите за хемиска структура, како и радар кој бара подземни води.